УЕФА го забрани дресот на Ајакс, тој мора да се преработи

584

УЕФА му забрани на Ајакс да ја носи првично предвидената гарнитура на дресови инспирирана од славниот композитор и пејач Боб Марли и неговата песна „Three Little Birds“. Новиот дрес на Ајакс е во црна боја и украсен со црвени, жолти и зелени детали, а на грбот се ставени три птици кои се однесуваат на споменатата песна. Токму за тој детал УЕФА најде мана и истиот ќе мора да се отстрани.

Од УЕФА им објаснија на Холанѓаните дека дизајнот на дресот е во спротивност со правилата на федерацијата, затоа што освен логото на клубот и спонзорот не треба да стои ниту еден друг додатен елемент.

Фудбалерите на Ајакс прв пат овој дрес го носеа на мечот со Зволе во саботата во Ердивизијата, а веднаш потоа стигнало и писмото од УЕФА во кое се забранува дресот.

Инаку врската помеѓу Ајакс и Боб Марли и песната „Three Little Birds“ датира од 2008 година. Таа година натпревар играа Кардиф и Ајакс во главниот град на Велс. По мечот навивачите на холандскиот клуб морале да останат подолго на трибините за да се испразни стадионот.

Додека чекале, на стадионот одела споменатата песна кои навивачите ја запеале и веднаш ја засакале. Од тој ден, песната на Марли е неизоставен дел од секој меч на Ајакс. Оваа сезона токму Боб Марли беше инспирација за дизајнот на дресот.

 

ПретходноМакедонија нема да има трета екипа во АБА2
СледноГорецка продолжи со Баерн до 2026 година и доби поголема плата