Денеска од 15 часот во Тетово ќе се одигра супер – дербито меѓу Шкендија и Шкупи. Тоа ќе биде првата битка за титулата меѓу овие две екипи во сезоната. Дерби по кои многу работи ќе бидат појасни. Дерби кое нема ништо да одлучи, но ќе биде показател како ќе се одвиваат работите понатаму.
Шкендија без Бесарт Ибраими, но со Алими и Камерунецот Жоу и без Синдрит Гури. Шкупи во состав кој гарантира дека чаирчани посакуваат во најмала рака да останат непоразени.
Ова ќе биде и дуел меѓу стратезите Бруно Акраповиќ и Гоце Седлоски, нивни петти меѓусебен дуел, а Босанецот гори од желба за прва победа над еден од нашите најдобри стратези.
Шкендија есенва повеќе играше слабо отколку добро, веројатно овие две недели се средија некои работи во редовите на шампионот. За Шкупи речиси се беше иделано освен она гостување во Струга во досегашниот дел од сезоната.
Интересно, за првпат во изминатите 5-6 години тимот од Чаир е во улога на фаворит. Без Ибраими секако дека оваа Шкендија не е онаа Шкендија со него, но сепак има таму квалитет за достојна битка со Шкупи.
Секако дека ако не беше трагедијата во Тетово ова ќе беше спектакл, но што да се прави.
Сега време е за фудбал. Нека градот под Шара барем денеска биде во епицентарот на вниманието поради фудбалот.