Вардар 1961 со реми ја отвори новата сезона во ЛШ

174

Вардар 1961 со реми ја стартуваше новата сезона во Лигата на шампиони, откако на гостувањето кај Елверум одигра 27-27. Избраниците на Веселин Вујовиќ овој дуел можеа да го завршат на поинаков начин, поред крајот на првото полувреме имаа предност од четири гола, која брзо ја прокоцкаа.

И двата тима имаа шанса за победа, но промашија во финишот.

Мартин Томовски беше најдобриот поединец на овој дуел, запиша 15 одбрани. Тото постигна шест гола, Моралес пет, додека Гаџа имаше четири погодоци. Браќата Њокас исто се запишаа во листата на стрелци во првиот меч, двајцата имаат по три гола.

Македонскиот тим во грч го почна мечот, домаќинот поведе со 2-0. Благодарение на Томовски, Вардар брзо се врати, изедначи на 2-2, а потоа во 11. минута за првпат поведе на мечот (3-4).

Пред 20. минута, избраниците на Вујовиќ почнаа да функционираат. Три одбрани на Томовски во низа, донесоа водство од 8-12 во 25. минута. Во игра влезе и Кевин Њокас, кој заедно со Тото одлично функционираат.

„Црвено-црните“ влегоа во криза, постигнаа само еден гол, а примија дури осум. Па Елверум не само што изедначи на 13-13 на полувремето, туку во 33. минута негативата беше 16-13.

Првиот гол во второто полувреме, Вардар го постигна после четири минути, Гаџа намали на 16-14. Томовски одново со одбрана, од седум метри не му дозволи на противникот комотно водство.

Неизвесноста се врати, Моралес изедначи на 18-18 во 41. минута. Следеа минути на неизвесност. По тајм-аутот, Оливие Њокас и Гаџа го вратија водството на Вардар (21-22) во 48. минута. По истата, Валчак заработи црвен картон.

Натсана мал хаос на теренот, во кој на голема среќа Елверум не искористи шанса да дојде на плус два, Томовски одбрани. Дибиров со два гола го врати Вардар на 24-25 во 53. минута.

Вујовиќ проба со „седум на шест“, Елверум поведе со 27-25. Томовски како по некое правило го врати својот тим. По неговата 14. интервенција и голот на Моралес претходно, Стоилов израмни на 27-27. Домаќинот не искористи напад, на другата страна Гаџа промаши. Останаа пет секунди, на крајот двата тима поделија по бод.

Во следното коло, Вардар е домаќин на Мешков Брест, мечот се игра на 22. овој месец.

ПретходноИ Прилеп му зема мерка на Металург
СледноЛегендарен тајм-аут на Вујовиќ: Малку на шпански, малку англиски јазик (ВИДЕО)