ЛШ: Два пресврта и победа за Ливерпул, Родриго го „реши“ Интер, бледиот ПСЖ зема само бод (ВИДЕО)

322

Со два пресврти на „Енфилд“, дербито меѓу Ливерпул и Милан вечерва им припадна на Англичаните. Реал (М) во последната минута во Милано однесе голема победа против Интер, а ПСЖ и покрај тоа што настапи со ѕвездите Мбапе, Меси и Нејмар, мораше да се задоволи само со реми на гостувањето кај Бриж во вечерните дуели од 1. коло во ЛШ.

Ливерпул поведе со автоголот на Томори во 9. минута, во 15-тата Салах промаши пенал, а казната стигна во финишот на првиот дел кога Анте Ребиќ и Брахим Дијаз во 42’ и 44’ успеаја да им донесат предност на Италијанците. Второто полувреме тргна со поништен гол за Милан поради офсајд, па брзо израмнување преку Салах во 48. минута. Притисокот на домашните даде резултат во 69. минута кога Хендерсон погоди за 3:2.

Ѕвездениот тим на ПСЖ едвај дојде и до бод на гостувањето кај Бриж. Упорните домаќини кои беа максимално расположени за игра ги запреа Нејмар, Меси, Мбапе и останатите ѕвезди во францускиот тим. ПСЖ отвори со голот на Ерера во 15. минута, но до крајот на полувремето, Бриж најде начин преку капитенот Ванакен да израмни на 1:1.

Вистинско голгетерско шоу вечерва приреди репрезентативецот на Брегот на слонова коска, Себастијан Алер, кој во дресот на Ајакс постигна дури четири гола во мрежата на Спортинг во Лисабон. Ајакс слабеше со 5:1, а Алер со овие „покер-голови“ уште по ова коло е сериозен кандидат за наградата „златна копачка“ оваа сезона во ЛШ.

Неверојатна голгетерска вечер на „Етихад“ во Манчестер. Англискиот шампион славеше над РБ Лајпциг со 6:3 во меч во кој младиот Нкунку кај гостите постигна „хет-трик“. Кај домашните погодија Аке, Марез, Грилиш, Жоао Кансело и Г. Жезус, а еден гол им подари и Мукиеле кој погоди во сопствената мрежа.

Реал (М) успеа со голот на Родриго во 89. минута триумфално да го напушти Милано. Иако италијанскиот шампион имаше повеќе од играта, во завршницата им падна концентрацијата и дозволија мадридистите да погодат преку резервистот Родриго и да ги однесат бодовите од „Меаца“.

Без гол заврши мечот на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид. Во меч во кој видовме само два директни шута во двата гола, веројатно и не можеше да се очекува повеќе, иако Порто имаше една пречка и еден поништен гол со ВАР.

Група „А“
21.00 Манчестер Сити – РБ Лајпциг 6:3
21.00 Бриж – ПСЖ 1:1
Група „Б“
21.00 Ливерпул – Милан 3:2
21.00 Атлетико (М) – Порто 0:0
Група „Ц“
18.45 Бешикташ – Борусија Д 1:2
21.00 Спортинг – Ајакс 1:5
Група „Д“
18.45 Шериф – Шахтјор 2:0
21.00 Интер – Реал (М) 0:1

ПретходноГостивар славеше на тест-мечот со МЗТ Скопје А.
СледноКејн сака да потпише нов договор со Тотенхем, но само под еден услов