Шахистите на АЛКАЛОИД, успешно стартуваа на годинешниот Европскиот Клупски Куп во Струга, со висока победа од 5:1 против екипата “Lunds ASK” од Шведска. На првата табла велемајсторот Шахријар Мамедјаров со белите фигури рутински го надигра шведскиот велемајстор Smith Axel. Шанкланд со црните фигури најпрво ја изедначи позицијата, а потоа ја превзема иницијативата и го победи својот поискусен противник. На третата табла Криворучко во Сицилијанска одбрана спроведе неодбранлив напад на противничкиот крал. На ист начин, креирајќи матен напад, најбрзо до победата стигна новото засилување за Алкалоид, русинот Александр Предке кој играше на петата табла. Најдолго се бореше Инаркиев, кој со црните фигури прецизно го надигра својот противник. Единствениот пораз за Алкалоид го забележа македонскиот интернационални мајстор Филип Панчевски. Во целина, искуството и повисоката шаховска класа беа доволни за победа, со што шахистите на Алкалоид ја оправдаа улогата на фаворит.
Првото коло помина без изненадувања и во другите мечеви, сите останати фаворити остварија победи: “Mednyi Vsadnik” Русија, “AVE Novy Bor” – Чешка, “KPRF” – Русија, “Offerspill Chess Club” Норвешка.
Следен противник на ШК Алкалоид е екипата на “Sloven Ruma” од Србија.
На женскиот турнир, шахистките на Алкалоид во првото коло се поразени од мариборската екипа “Tajfun” со 1,5:2,5. Одлична, сигурна победа на првата табла извојува Полина Шувалова, најдобрата светска јуниорка до 20 години, на втората табла Екатерина Аталик и покрај упорната борба мораше да се задоволи со реми. Сепак, противничките беа поуспешни на трета и четврта табла, против Ирина Булмага и Моника Стојковска. Во второто коло претстои дуел на македонските претставници, Алкалоид и МШК Центар.