Пред стартот на квалификациите за СП нашата најдобра фудбалерка Наташа Андонова посочи дека немаме шанси против Англија, а дека шансата за добар резултат ја гледаме на вториот меч од квалификациите против Австрија. Точно, Англија беше преголем залак и од неа македонската женска репрезентација загуби со 8:0. Дојде Австрија и шансата за добар резултат!?
Се покажа дека Австријките се „светлосни години“ пред нас. Македонската фудбалска репрезентација предводена од Кирил Изов доживеа уште еден дебакл со кои се зациментира дното во групата Д. Иако се играше на „Тодор Проески“ во Скопје, нашите репрезентативки одиграа под нивото и загубија со 0:6. Не само тоа, екипата не ни шутна ниту еднаш во рамките на противничкиот гол. А нашата голманка спаси неколку удари.
Уште на полувреме се наѕираше победникот. Австрија поведе со 3:0 и потоа го дотолчи нашиот состав со уште три гола во вториот дел.
Хебингер го отвори резултатот во 12. минута, голгетерката на Хофенхајм Никол Биља реализираше хет-трик, а во нашата мрежа два пати стрелаше дефанзивецот на Ајтрахт Вероника Хеншо.
Македонија е без бодови по две кола , а Австрија има шест бода.
Наредните мечеви на Македонија се против Летонија во гости (21.октомври) и Луксмебург дома (26 октомври).
МАКЕДОНИЈА: С.Дервиши, Положани, Николовска, Коларовска (Бошеска), Живиќ, Салихи (Милеска), Мустафа, Андонова, Р.Дервиши (Марковска), Максути, Петрушевска (Димовска)