По пауза од пет години во кошаркарска Македонија ќе се одржи Супер-Купот, кој ќе го носи името на легендарниот тренер „Драган Василов – Цевка“. Истиот е закажан во сабота, во машка конкуренција ќе се сретнат градските ривали МЗТ Скопје и Работнички, дуел кој е закажан во 19:30 часот.
Првиот натпревар од Суперкупот е одигран во 1997 година. Во меч означен како суперфинале, кој одлучуваше кој од двете екипи ќе ја претставува Македонија во Еврокупот, се сретнаа екипите на МЗТ Скопје и Работнички.
До сега се одиграле осум вакви мечеви, а најмногу трофеи има тимот од Аеродром, вкупно три, зад него е тимот од „Градски парк“ со два, исто толку има и Никол Ферт. Суперкупот го има освоено и Струмица во 2007 година.
Ова натпреварување е прекинувано во три наврати, не се играа натпревари во 2004, 2005 и 2006 година, потоа и во 2008, 2009 и 2010 година, како и во 2012, 2013 и во 2014 година.
За прв пат, ќе имаме и победник на Суперкупот во женскиот сегмент. За првиот трофеј ќе се борат двете најдобри екипи во ланската сезона, освојувачот на двојната круна, екипата на Баскет КАМ од Македонска Каменица и скопски Бадел 1862, финалистот во двете натпреварувања за минатата сезона. Овој натпревар е закажан за 17. часот.
СУПЕРКУП-МЕЧЕВИ
2000: Никол Ферт – Гостивар
2001: Работнички – Скопје
2002: Никол Ферт – Гостивар
2003: МЗТ Скопје – Скопје
2004, 2005, 2006: не се одржа
2007: Струмица 2005 – Струмица
2008, 2009, 2010: не се одржа
2011: Работнички – Скопје
2012, 2013, 2014: не се одржа
2015: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје
2016: МЗТ Скопје Аеродром – Скопје
2021: ???