Горазд Михаилов: Силекс го чека тешко гостување кај “мојот“ Тетекс!

561

Силекс, за разлика од Вардар, сезоната во ВМФЛ – ЗАПАД ја стартуваше според посакувањата на сите во кратовскиот клуб. Четири меча, четири победи со гол разлика 8:1 и затоа е убедливо прв тимот на стратегот Горазд Михаилов. Силекс во целост ја оправда улога на фаворит, во првите четири кола успеа да ги победи и конкурентите Вардар и Воска.

Утре четата на Михаилов ја очекува тешко гостување, и тоа кај “неговиот“ Тетекс. Ова е меч од 5.коло кој се игра во Боговиње.

И дефинитивно нас не чека тешко гостување. Колку за потсетување Тетекс е клубот каде што јас како тренер се промовирав во мак – фудбалот. Одигравме две финалиња во Купот а еднаш и го освоивме пехарот. Тетекс засекогаш ќе биде мој клуб, посебни емоции ќе има кон сите во клубот. А најмногу кон навивачите – “Војводи“ кои особено ги ценам. Ги ценам и сегашните тренери Тупан и Мали (Георгиевски и Цветковски), тие си ја знаат својата работа“ потенцира Михаилов.

Сепак тој како голем професионалец утре посакува победа на Силекс.

Тука нема дилеми. Емоциите на една страна, но јас со Силекс утре посакуваме победа. Видете, ќе биде тешко. Да, убаво стартувавме, но не се залетуваме. Има уште многу да се игра, а како и да биде поинаку ако се знае дека Тетекс е на делба на втората позиција. Значи сиот респект за Тетекс, но Силекс ќе игра во Боговиње најдобро што може, да се надеваме дека тоа ќе биде доволно за нов триумф. Во секој случај очекувам исклучително квалитетен натпревар“ заврши Михаилов со изјавата за „Спортмедиа“.

ПретходноМилан подготвува нов договор за Тео, ПСЖ вмешува прсти
СледноНикола Ристески си замина од Ренова