Кметовска: Не можевме да посакаме подобар старт на сезоната!

71

Првиот Суперкуп трофеј во женска конкуренција му припадна на Бадел 1862, откако го совлада Баскет Кам со убедливи 88-72. Лидери на теренот беа Ивана Кметовска и Александра Стојановска, двете запишаа дабл-дабл учинок.

„Рано почнавме со подготовките, напорно работевме. Чувството да се почне сезоната на ваков начин е прекрасно, се надевам дека Суперкупот ќе прерасне во традиција, а ние ќе го освојуваме секоја година.

Ги посакуваме и двата пехари, во првенството и во Купот на Македонија, се надевам дека ќе прикажеме добра игра и во јадранската лига“, изјави Кметовска која средбата ја заврши со 26 поени и 11 скока. 

Тренерот на Бадел, Перо Стамевски вели дека е рано да се зборува за титули, но победата и тоа како годи.

„Ова е слатка одмазда. Сакам да им честитам на кошаркарките за играта, честитки и за противникот за прикажаното. Овој натпревар ни дојде доста добро и за двете екипи за да видиме до каде сме со формата пред стартот на ВАБА-лигата. Амбициите секоја година кај нас се исти, пласман во финалето на Купот и на првенството. Овој Суперкуп ќе ни ја подигне самодовербата за понатаму, за подобра работа и поголем напредок. Со ангажманот на Кметовска и Кејтлин добивме на висина, со тоа се смени и нашата игра. Неблагодарно е уште сега да се прогнозира за титулите, ќе видиме на крајот што и како ќе биде“, изјави тренерот на баделки.

ПретходноБадел 1861 испиша историја, преку Баскет Кам до Суперкуп трофејот (ФОТО)
СледноАнтиќ: Нема да го гледаме почетокот на сезоната, туку крајот!