Наполи ја продолжува победничката серија во италијанската Серија А. Вечерва на „Сан Паоло“ ја забележа и шестата победа во шестиот меч сезонава, а совладан беше тимот на Каљари со 2:0. Виктор Осимен го отвори резултатот со голот во 11. минута, а во 57. минута зголеми Лоренцо Инсиње од пенал во својот 400 меч за тимот.
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас влезе во игра во 69. минута, а до крајот доби жолт картон и немаше некоја сериозна закана кон противничкиот гол. Инаку Наполи заслужено победи затоа што освен посед на топка имаше и тројно повеќе удари на голот 16-5. Ќе беше штета ако не ги освоеше бодовите.
Наполи првпат по сезоната 2017/18 победува на првите шест натпревари. Таа сезона имаше осум победи во првите осум кола. Ќе видиме како ќе биде сега.
Во четврток Наполи игра со Спартак Москва во ЛЕ, а потоа ќе и гостува на Фиорентина во 7. коло на Серија А.