Вардар 1961 излезе како победник од првата деби пресметка со Е.Пелистер, на домашен терен го совлада со 29-25 (15-11) во рамките на 4. коло во Супер-лигата. Актуелниот македонски првак осамна на врвот на табелата со максимален скор.
Избраниците на Веселин Вујовиќ отпорот на битолчани го скршија пред крајот на првото полувреме. Неколку пати имаа водство од пет гола, гостите имаа свои шанси, но наивно грешеа. Во самиот финиш, Филип Талески со три од вкупните пет гола, му донесе триумф на својот тим. Дибиров со 10 гола беше убедливо најдобар. На другата страна Мандалиниќ и Кушан имаа по пет погодоци.
Изедначено, со бројни на промени на водството почна македонското дерби во Супер-лигата, ниту една од двете екипи не поведе со повеќе од еден гол. Првиот голем чекор го направи Вардар 1961 при 10-10. Со серија од 6-1 поведе со 16-11 на стартот на првото полувреме. Ова беше период во кој битолчани влегоа во криза, проблем беа и техничките грешки.
По последните плус пет (17-12), Е.Пелистер врати со серија од 3-0 и дојде на минус два (17-15). Моралес го прекина налетот (18-15). Актуелниот македонски првак успеа да ја стабилизира играта, две одбрани на Томовски во низа и два гола го донесоа одново на плус пет (22-17) во 44. минута.
Ниту оваа позитива не беше доволна за мирен финиш, Вардар се опушти на другата страна Е.Пелистер казни, со серија од 5-1 дојде на 26-25 во 56. минута. Талески со три гола во низа реши мечот, беше 29-25 на помалку од две минути до крајот. Немаше време за битолчани.
Вардар 1961 веќе во среда го игра третиот меч од ЛШ, во Скопје гостува Алборг.