Дарко Радуловиќ дојде до третиот пехар како тренер на МЗТ Скопје. По првенствениот и во Купот на Македонија, синоќа го освои Суперкупот кој од оваа сезона го носи името „Драган Василов Цевка“.
Неговиот тим по голема драма го совлада градскиот ривал Работнички со 79-78 и во клупските витрини го смести четвртиот пехар во ова натпреварување. МЗТ Скопје имаше шанса да дојде лесно до триумфот, по добрата игра во третата четвртина, но падна, на голема среќа, ниту противникот не се снајде во самиот финиш.
„Беше интересен натпревар за сите гледачи, на телевизија… Беше прв официјален за нас, беше прв и за Работнички на почетокот на новата сезона, затоа и е помалку нормално емоциите да бидат нагоре-надолу. Резултатски гледано, искрено можеби ние не очекувавме Работнички да се претстави во едно вакво, одлично светло. И дефинитивно ќе бидат сериозен противник во текот на сезоната.
Кога веќе можевме да ја решаваме работата во наша корист, почнавме малку да се опуштаме, почнавме да бараме некои други индивидуални решенија. Луѓето си погодија неколку тројки и се вратија во игра.
Им честитам на нив за борбеноста, им честитам и на моите играчи. Заслужено го победивме овој натпревар, еден вистински ролеркостер. Но тоа е така кога играат МЗТ и Работнички“.
Радуловиќ смета дека МЗТ Скопје не е изразит фаворит оваа сезона, со оглед на тоа дека сите тимови се засилија и станаа конкурентни за титулата. Но, потенцира дека ја прифаќаат улогата, и секако целта е една да се одбранат двете круни.
„Не би рекол дека оваа година МЗТ Скопје е изразит фаворит. Да, ние сме МЗТ и сме шампионска екипа, и МЗТ е секогаш фаворит. И ние го прифаќаме тоа, и го носиме тој притисок. Меѓутоа оваа сезона лигата има доста квалитетни екипи со сериозни, со широки ростери. Јавноста знае кои се тие, и не би сакал да ги именувам сега. Оваа година изразити фаворити нема. Но, овој резултат за мене кажува дека ние сме далеку од фаворити. Во моите очи сме далеку од формата. Допрва треба да ‘влеземе’, да почнеме, Ние го сетиравме ‘пикот’ за некои други датуми. Меѓутоа, ќе биде многу интересна сезона, изразити фаворити – нема“
Пред стартот на сезоната, тој се соочува со проблеми, дел од кошаркарите и натаму се мачат со повреди.
„Здравствено сеуште не сме добри, Нашиот плејмејкер Дастин Вер беше во состав, не беше во опција да игра. Се надевам од понеделник дека ќе биде во полн ритам. Меѓутоа, еве имаме проблеми со повредата на Крстевски и сега видовме дека и Мекиќ го повреди зглобот. Нè следат некои такви малери, но ние нема да се откажеме, ќе го даваме својот максимум од можностите. Со она што го имаме на располагање ќе го даваме својот максимум. Се надевам дека до првите натпревари, во АБА лигата, ќе бидеме сите спремни да одговориме на предизвикот“.