Синот на Драган Василов: Суперкупот во иднина да продолжи според главните принципи на мојот татко

632

Во организација на Македонската кошаркарска федерација, а со поддршка на семејството на Драган Василов, се одржа Суперкупот на Македонија кој од оваа година го носи името на најпознатиот тренер на млади категории во нашата земја.

Федерацијата одлучи максимално да го испочитува Цевка кој во својата плодна тренерска кариера беше ментор и учител на некои од најдобрите играчи во историјата на македонската кошарка.

Неговиот син Горан, ја имаше честа да го додели пехарот на победничката екипа во машка конкуренција.

По натпреварот изрази задоволство од сето она што го направи федерацијата:

„Би сакал да искажам огромна благодарност до Кошаркарската федерација, на чело со Перо Антиќ и целиот негов тим кој постојано беше вклучен и помагаше и даваше безрезервна поддршка. Воедно, благодарам и во името на мојата мајка и на моето семејство, на огромната укажана чест за одржувањето на Суперкупот, кој од оваа година го носи името на Драган Василов Цевка. Ова е пример и доказ дека вредностите се вечни и се почитуваат. Дека се ценат еминентните личности кои допринеле секој на свој начин за развој и унапредување, секој во струката во која работел. Така е и приказната за мојот татко кој произведе низа квалитетни играчи и генерации кои го носеа националниот дрес, на чии успеси сме и ден-денес сите горди.

Нека Суперкупот и во иднина продолжи според главните обележја, т.е. принципи на мојот татко, а тоа се: фер-плејот, позитивноста, спортскиот дух и карактер, на кои тој секогаш како психолог, тренер и како наставник ги учеше младите. Благодарност до сите за оваа огромна чест, а на сите учесници им пожелувам среќа и добро здравје“, изјави синот на легендарниот тренер.

Суперкупот му припадна на МЗТ Скопје кој беше подобар од градскиот ривал Работнички.

Претходно„Комити“ ги „пецнаа“ битолчани: Без образ и срам верувате дека Пелистер е Еурофарм
СледноНовак Ѓоковиќ близу до Штефи Граф