Вечерва се играат натпреварите од 2. коло од Лигата на шампиони. Во центарот е дуелот на богаташите Манчестер Сити и Пари Сен Жермен на „Етихад“, а за нас е интересен и мечот меѓу дебитантот Шериф и Реал Мадрид.
За Шериф од оваа сезона игра македонскиот репрезентативец Бобан Николов кој веќе почна да дава и голови, во првото коло молдавскиот шампион го победи Шахтјор, а сега ќе игра со Реал Мадрид. „Кралевите“ се враќаат на својот „Сантијаго Бернабеу“ кој е реновиран и првпат по подолго време на него ќе се одигра меч од ЛШ. Николов и Шериф одат на сензација, но се апсолутни фаворити против најтрофејниот европски клуб.
На „Етихад“ Сити ќе се пресмета со ПСЖ. Парижаните во првото коло одиграа реми со Клуб Бриж додека Сити славеше против Лајпциг со 6:3 што беше нивна 50-та победа во ЛШ. Сега ПСЖ ќе оди со Меси, Нејмар и Мбапе по три бода во Манчестер, но и против традицијата која вели дека тие никогаш не го победиле Сити.
Минатата сезона играа во полуфиналето на ЛШ, а Сити победи со 2:1 во Париз и 2:0 дома. Претходно, во 2016 година во 1/4 финалето на ЛШ, Сити славеше со 1:0 во Манчестер, а во Париз беше 0:0.
Во 2008 година играа во групната фаза на УЕФА купот и мечот во Манчестер заврши без голови.
Што се однесува до тренерскиот дуел, Покетино и Гвардиола се соочиле 20 пати меѓу себе. Покетино има само три победи, а Гвардиола дури 12.
ВЕЧЕРВА ИГРААТ
ГРУПА А
РБ ЛАЈПЦИГ – КЛУБ БРИЖ 21:00 ч.
МАН.СИТИ – ПСЖ 21:00 ч.
ГРУПА Б
МИЛАН – АТЛЕТИКО 21:00 ч.
ПОРТО – ЛИВЕРПУЛ 21:00 ч.
ГРУПА Ц
АЈАКС – БЕШИКТАШ 18:45 ч.
ДОРТМУНД – СПОРТИНГ 21:00 ч.
ГРУПА Д
ШАХТЈОР – ИНТЕР 18:45 ч.
РЕАЛ М. – ШЕРИФ 21:00 ч.