Со својот прв гол во дресот на ПСЖ, Лео Меси ја потврди големата победа на парижани во супер-дербито на 2. коло од групата „А“ на домашен терен против екипата на Манчестер Сити. ПСЖ славеше со 2:0 во највозбудливиот меч вечерва, благодарение на голот на Гуеје во 8. минута и првенецот на Меси во синиот дрес во 74. минута.
По ремито на стартот со Бриж, за ПСЖ ова е прва победа во групната фаза од ЛШ сезонава, а за Манчестер Сити првиот пораз.
Главната сензација во ЛШ, екипата на Шериф Тирасопол на нашиот Боби Николов, триумфално замина од Мадрид победувајќи го кралскиот клуб со 2:1 на „Сантијаго Бернабеу“. Молдавската „легија на странци“ поведе со голот на Јахшибоев во 25. минута, а Реал успеа да израмни од пенал преку Бензема во 65. минута. Шок во Мадрид приреди Тил со голот во 90. минута со кој Шериф дојде и до втората победа во групната фаза.
Николов стартуваше како резерва, но доби шанса да ги одигра последните 5 минути од мечот.
Ливерпул вечерва тотално издоминира на гостувањето во Португалија. „Црвените“ го „нокаутираа“ Порто со 5:1 за втора победа во групната фаза.
Во оваа група исклучително возбудлив беше дуелот меѓу Милан и Атлетико (М). „Росонерите“ поведоа со голот на Леао во првото полувреме, но исто така останаа и со играч помалку, откако Кеси заработи црвен картон.
Атлетико (М) долго време настојуваше да израмни, па по целиот притисок Гризман погоди во 84. минута за 1:1. И кога сите чекаа крај, турскиот судија Чакир во 5. минута од продолжението покажа на белата точка, а Луис Суарез погоди за 2:1 и три бода на мадриѓани.
Група А
ПСЖ-Манчестер Сити 2:0
РБ Лајпциг – Бриж 1:2
Група Б
Милан – Атлетико Мадрид 1:2
Порто – Ливерпул 1:5
Група Ц
Ајакс – Бешикташ 2:0
Борусија (Д) – Спортинг (Л) 1:0
Група Д
Шахтјор (Д) – Интер 0:0
Реал Мадрид – Шериф 1:2