Вардар 1961 има старт од соништата во новата сезона во Лигата на шампиони. Тимот кој за многумина изгледаше тешко совладлив, во Скопје падна „здраво“, а македонскиот првак по три кола има пет бода и засега е лидер во групата А. Дали ќе остане така, ќе биде познато по комплетирање на колото.
Веселин Вујовиќ добро го аналираше Алборг, точно знаеше како треба против еден ваков противник. На моменти имаше падови, но подемите доминираа.
По завршување на мечот, стратегот на Вардар даде интересна изјава. Проблем за Вардар во напоредното играње на натпревари во ЛШ и домашниот шампионат, е менувањето на составот и целосната концепција.
„Искрено да ви кажам, наш најголем противник во овој момент е Бутел Скопје. Навистина е така. Не е лесно, сега треба да го промениме чипот, да го промениме составот, а екипата истовремено треба да ја одржи енергијата. На овие мечеви како Алборг доаѓа поголем број на навивачи“, изјави Вујовиќ.
Мечот со Бутел Скопје е закажан за во сабота.