Ханси Флик, селекторот на Германија денеска го објави списокот на играчи на кои ќе смета на дуелите со Романија (8 октомври) и Македонија (11 октомври).
Нема дилеми дека “панцерите“ доаѓаат речиси со најсилен состав. Германија е во налет, знае само за победи под водство на Ханси Флик.
Тука се имиња од типот на Нојер, Тер Штеген, Ридигер, Гнабри, Хаверц, Кимих, Милер, Ројс, Сане, Вернер и други, тоа се играчи од Баерн Минхен, Барселона, Челзи, Борусија Дортмунд…
Се разбира дека Спортмедиа го контактираше нашиот селектор Благоја Милевски за да го запраша за мислење за изборот на Ханси Флик.
“Видете, да не заборавиме дека прво играме со Лихтенштајн. Сега, со оглед на тоа дека ме прашувате за Германија, немам некој посебен коментар. Го видов изборот на мојот колега и можам да кажам дека доаѓаат во Скопје со силен, многу силен состав. Да, Германија е силна, ја респектираме, но и Македонија е силна. И ние имаме свои адути и квалитети. Играме дома, играме пред својата публика, мислам дека достојно ќе и се спротиставиме на германската репрезентација“ изјави за нашиот медиум Благоја Милевски.