Капитенот и селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров од денес е сопственик на највисоката тренерска диплома на ЕХФ, Мастер-коуч. Лазаров го положи последниот тест на кој ја анализираше темата „Репрезентација на Шпанија на Европското првенство во Австрија, Шведска и Норвешка 2020 година – освојувач на златен медал (структура на тимот, применета стратегија и оцена на играчи)”.
Со овој сертификат, Лазаров само ја зголеми македонската група на тренери со највисоката лиценца на ЕХФ. Селекторот на нашата репрезентација дебитираше со победа на натпреварот против светскиот првак Данска на почетокот од годината, а потоа ја одведе и нашата сениорска репрезентација на Европското првенство во Словачка и Унгарија. Лазаров ја водеше и нашата кадетска селекција во финалето на ЕХФ Шампионатот во Скопје.
Во својата богата кариера нашиот најдобар ракометар работеше со големи тренерски имиња како Јевремовиќ, Червар, Душебаев, Пасквал, Раул Гонзалез и многу, многу други.