Попладнево на „Енфилд“ следува супер-пресметката во Премиер лигата меѓу бранителот на тронот, Манчестер Ј. и домашниот Ливерпул, кој ќе се обиде да ја обезбеди највредната овосезонска победа и да се врати на лидерското место на табелата.
Тимот на Јирген Клоп има еден бод предност над денешниот ривал само поради фактот што се уште нема претрпено пораз во новата сезона. „Црвените“ беа фрустрирани од ремито со Брентфорд во последниот меч во Премиер лигата, па денешниот дуел треба да им биде шанса за поправка на испуштеното во минатото коло.
Екипата на Клоп нема пораз на 10 натпревари на „Енфилд“ и постигна најмалку три гола на секој од последните шест натпревари од победата со 3:0 над Лидс Јунајтед минатиот месец, но одбраната на Пеп Гвардиола нема примено гол на последните 5 меча во Премиер лигата. И покрај нивното европско разочарување и поразот кај ПСЖ, Сити сигурно ќе се обиде да ја продолжи добрата серија во домашниот шампионат.
Менаџерот на Ливерпул, Клоп, потврди дека Трент Александар-Арнолд нема да биде подготвен да настапи на овој важен меч, а десниот бек ќе им се придружи на Харви Елиот и Тиаго Алкантара кои веќе беа повредени.
Во меѓувреме, Гвардиола, не очекува Илкај Гундоган да се врати на терените пред меѓународната пауза, додека Зинченко е крајно неизвесен и за денеска. Фил Фоден и Габриел Жесус треба да се вратат во првите 11, а Ријад Махрез и Рахим Стерлинг ќе останат на клупата.
ВЕРОЈАТНИ СОСТАВИ:
ЛИВЕРПУЛ: Алисон; Милнер, Матип, Ван Дајк, Робертсон; Хендерсон, Фабињо, Џонс; Салах, Фирмино, Мане
МАНЧЕСТЕР СИТИ: Едерсон; Вокер, Диас, Лапорт, Кансело; Силва, Родри, Фоден; Габриел Жезус, Де Бруин, Грилиш