Џонов: Квалитетот на Тинекс Пролет не е во прашање, но мораме да се бориме на секој меч

92

Иван Џонов, ракометарот на Тинекс Пролет конечно сезонава е фит и ги надмина проблемите кои ги имаше со повредите минатата сезона. Сега минутажата не е проблем, а со Џонов на терен Тинекс Пролет им се врати на победите сезонава.

„Одигравме квалитетен натпревар во кој од почеток до крај го контролиравме резултатот и заслужено стигнавме до победата. Пресудна беше нашата борбеност, со која наметнавме силно темпо што противникот не можеше да го издржи. Според мене, овој тим на Тинекс Пролет поседува квалитет што е несомнен, но натпревари не се добиваат само на квалитет, мора да се борите од почеток до крај на секој натпревар. Тоа беше лекција што ја научивме на дуелот во Битола со Еурофарм Пелистер 2, но одлично е што експресно реагиравме, ги отстранивме тие слабости и против Тиквеш влеговме во посакуваниот ритам. Знаеме дека можеме да играме уште подобро, но сезоната е долга и важно е што ја стартувавме со добри резултати“, изјави Џонов.

Следен предизвик за Тинекс Пролет ќе биде гостувањето против Струга што на програмата е наредниот викенд.

„Тоа е меч на кој исто така ќе одиме да победиме. Го почитуваме противникот, знаеме дека може да ни создадат многу проблеми ако не одиграме максимално, затоа и мораме да бидеме стопроцентно мотивирани од почеток до крај. Имаме сосема доволно време за добро да се подготвиме, да подобриме некои детали во нашата игра, потоа и тактички да го анализираме противникот и верувам дека на крајот ќе успееме да стигнеме до нов триумф“, оптимист е Иван Џонов.

ПретходноТутоспорт: Јуве тргнува по тинејџерот на Монако
СледноСрбљак по петтипат е државен првак во тенис