Барајќи одмазда за поразот во полуфиналето на Евро 2020, Шпанија се подготвува да ја изненади Италија во полуфиналето на Лигата на нации вечерва во Милано.
Екипата на Луис Енрике го освои првото место во групата „4“ од Лига А сегментот кој и донесе пласман на т.н. Ф4 турнир, додека актуелниот европски шампион помина шест натпревари без пораз во група „1“ во А-сегментот и исто така успеа да се најде меѓу четирите селекции кои ќе разигруваат за трофејот во ова УЕФА натпреварување.
Величествената серија на Италија без пораз на сите турнири е се уште непроменета и освојувачите на европската круна денеска тргнуваат по својот 38-ти натпревар по ред без пораз во сите натпреварувања, откако последен пат загубија од Португалија со 1-0 во воведната сезона на Лигата на нации пред 3 години.
Шпанија ќе се обиде да резервира билет за финалето во недела на „Сан Сиро“ против Белгија или Франција, и не им е потребна дополнителна мотивација за да ги совладаат Италијанците по поразот во пенал-рулетот во полуфиналето на годинешното ЕП. Шпанија има само една победа на Италија во последните пет меѓусебни дуели во сите натпреварувања, и нема победа на „италијанска трева“ уште од далечната 1971 година.
Италија ќе биде принудена да се снајде без напаѓачот Чиро Имобиле, откако тој мораше да се повлече од тимот поради повреда, а во селекцијата ги нема и Рафаел Толои и Матео Песина. Шпанија, пак е без Педри, Тиаго Алкантара, Дани Олмо и Алваро Мората. Сите се повредени.
ВЕРОЈАТНИ СОСТАВИ:
🇮🇹 ИТАЛИЈА: Донарума; Ди Лоренцо, Бонучи, Киелини, Емерсон; Барела, Жоржињо, Верати; Киеза, Кин, Инсиње
🇪🇸 ШПАНИЈА: Симон; Аспиликуета, Торес, Лапорт, Регуљон; Коке, Бускетс, Мерино; Сарабија, Торес, Ојарзабал