Љафтов в недела дебитира во италијанската СуперЛега: Ова е остварување на сонот

480

Македонската одбојка за првпат ќе има свој репрезентативец во најсилната светска одбојкарска лига, италијанската СуперЛега. Македонскиот репрезентативец Александар Љафтов од оваа сезона е нов член на екипата на Равена, која веќе викендов ја очекува првата пресметка од новата сезона во италијанското првенство.

Во пресрет на дебитантскиот настап, Љафтов ни откри како е прифатен во новата средина и колку е возбуден пред почетокот на новата епизода од неговата одбојкарска кариера.

„Искрено доста брзо се аклиматизирав на условите, на начинот на тренирање, на живот, не ми е прва година во странство, но со сигурност во Италија можеш и уште побрзо и подобро да се прилагодиш на се што се нуди. Со играчите се чувствувам како да сме поминале многу време заедно, сите се професионалци, добри момци“, вели на почетокот на разговорот нашиот надворешен напаѓач.

Љафтов сезонава го оствари сонот кој многумина пред него го посакуваа, да заиграат во најсилното национално првенство во Европа.

„Се разбира дека тоа е сон на секој одбојкар, за мене посебно. Овде се игра светска одбојка, а јас цел живот сум ја следел. Ова во моментот за мене е навистина живеење на сонот“.

Равена во премиерата на новата сезона во недела тргнува со гостување кај екипата на Пјаченца. Ова ќе биде големо крштевање и за Љафтов кого го прашавме и за амбициите на клубот.

„Клубот има за цел пласман во средниот дел на табелата, но се разбира со стремеж да постигнеме што е можно подобри резултати, па зошто и да не изненадиме“, заврши Љафтов, подготвувајќи се за дебитантскиот меч в недела.

ПретходноДуелот меѓу Работнички и Скопје ќе се игра в петок!
СледноМладите надежи и во третиот обид не успеаја до прва победа (ФОТОГАЛЕРИЈА)