Алкалоид продолжува во силен ритам да ита кон Супер-лигата. Дебитантот одигра уште еден фуриозен меч, го совлада Аеродром со 21-43 во рамките на 4. коло во Првата лига и го задржа лидерското место.
Избраниците на Бранче Ангеловски дуелот го решија во првото полувреме, поведоа со 4-8, на одморот заминаа со водство од девет гола (10-19). Во продолжение беше само рутина, на почетокот на вториот дел Алкалоид имаше двоицифрни 10-22, позитивата растеше од минута во минута.
Стојков со десет погодоци беше прв стрелец, зад него со осум гола беше Серафимов. Кај домаќинот, Петрески и Михајло запишаа по пет погодоци.