Е. Пелистер добро се намачи за да дојде до петата победа во Супер-лигата. Избраниците на Жељко Бабиќ тешко играа на жешкиот терен во „Билјанини извори“, на крајот со тешки маки го совладаа Охрид со 27-25.
Периќ со седум гола беше прв стрелец, Табоада запиша шест погодоци, на другата страна Шилегов и Додиќ имаа по шест гола.
Домашните ракометари влегоа мотивирани, носени од поддршката на навивачите, поведоа со 7-3 и 9-6, а потоа и со највисоки 11-7. Со серија од 3-0, Е.Пелистер намали на 11-10, на одморот замина со негатива од 15-14.
На стартот на вториот дел, Охрид поведе со 16-14, но гостите најдоа начин да се вратат во овој дуел и да поведат за првпат на мечот со 17-18. Се чинеше дека Е.Пелистер по водството од 18-21 и 20-23 лесно ќе го приведе мечот, но домашниот тим се врати на голема врата, приреди драма, дојде на минус еден 24-25 и 25-26 на минута и пол до крајот.
Табоада реализираше во вистински момент за 25-27 по тајм-аутот на Бабиќ.