Со каква оценка да се оцени стартот на Милевски?

843

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Ете, дојде и тоа. Победа на Благоја Милевски како селектор на нашата најдобра репрезентација. Убедливо, моќно, доминантно и тоа со 4:0, иако според играта и шансите тоа требаше да биде барем 7:0 или 8:0. Ретко кога сме играле против една ваква репрезентација на ваков начин.

Значи притисокот од грбот на селекторот е симнат, сега нему и на нашите репрезентативци ќе им биде полесно.

Прашањето е како да се оцени стартот на новиот селектор? Со каква оценка? Четири меча, една победа и три ремија. На сите четири меча Македонија доминираше, имаше шанси, посебно жалиме за она реми во Рејкјавик, кога водевме со 2:0 па на крајот беше 2:2.

Реално Милевски имаше проблеми. Без Пандев, кој веќе се пензионира од репрезентацијата, без Адеми во септември и без Барди со Лихтенштајн. Да не говориме дека не можеше да смета на уште некои момци.

Со овие тројца во составот, уверен сум дека Македонија и на другите трите меча ќе победеше, значи Милевски ќе имаше старт од соништата. Некои ќе кажат па овака, па онака. Демек ривалите не ни биле којзнае што, а ние игравме со Ерменија, Исланд и Романија. Посебно овие две последни селекции ни беа проблем и тоа како низ историјата. Тешки, силни ривали се тоа.

Има многу нешта зошто и како. Сепак да бидеме реални. Математиката е егзактна наука. А таа вели дека Милевски уште нема пораз на првите четири меча, и тоа сите квалификациски.

Ајде да се потсетиме на неговиот претходник. Игор Ангеловски на првите четири меча имаше три порази и само една победа, и сите четири меча беа пријателски. А се знае дека на такви мечеви полесно е да играш.

Секако дека рано е и неблагодарно е да компарираш, крајниот резултат и производ се цени.

Почетокот, според моите лични размислувања, не е лош, напротив. Се разбира дека има некои работи кои треба да се кажат. Сметам, ова е личен став, дека нам ни треба поголемо искуство во шпицот.

Се виде вчера што значи Адеми во тимот, а колку ни фали Барди. Сепак Милевски мора по секоја цена да бара и под дрво и камен играч – пакер или “фантазист“. Мора, ама баш мора. Тој тоа го знае, проба неколку варијанти, ама лабаво е тоа.

За крај, дефинитивно Македонија има игра, сака да има посед, тоа го бара Милевски, сака да напаѓа. Тоа и го прави.

Останува само нападот да биде поефикасен, поуспешен.

Каква оценка да му се даде на Милевски за стартот?

Позитивна и тоа високо позитивна…

Пак ќе повторам, ова е личен став на авторот на овој текст.

А за детална анализа ќе почекаме по мечот со Германија.

ПретходноГерманците без тренинг во Скопје, утринава имаа допинг – контрола во хотелот!
СледноНеверојатен пресврт: ТФТ со чудесна серија го урна вицепрвакот