Довчерашниот сопственик на Њукасл Мајк Ешли нема намера да се тргне од фудбалот и со парите кои ги доби од продажбата на црно-белиот клуб од северот сака да го купи Дерби Каунти, тврди „Мирор“. Бизнисменот го продаде Њукасл на фонд од Саудиска Арабија за околу 360 милиони евра.
Ешли сака да поседува професионален клуб затоа што смета дека е важно во развојот на неговата компанија Спорт Дајрект. Освен тоа стадионот на „овните“ е на само 50 километри од централата на Спорт Дајрект.
А Дерби падна во тешка финансиска состојба и од неодамна се најде под административно управување. Тимот на Вејн Руни е последен во Чемпионшип откако му одземаа 12 бодови.
Дерби е поранешен Премиерлигаш. Последен пат во елитното друштво бил во сезоната 2007/08 кога влезе и веднаш испадна, завршувајќи ја сезоната со само една победа и осум нерешени резултати.
Во 2014 и во 2019 имаше добра шанса за кам-бек но во финалињата на плеј-офот губеше од КПР и од Астон Вила.










