Македонската женска ракометна репрезентација и по вторпат е поразена од Црна Гора, овој пат на гостински терен со 31-30 во рамките на ЕХФ Купот. Ангела Јанкуловска со 8 погодоци беше најефикасна во нашиот табор.
Селекторот, Љубомир Савевски на оваа средба не сметаше на Ристовска, Саздовска и Георгиевска, но сите кои добија шанса одлично ја искористија и се покажаа во многу подобро светло од Скопје. Црна Гора беше засилена на оваа средба, ја имаше Радичевиќ и Мехмедовиќ во составот.
Противникот отвори со 3-1, но „црвено-жолтите“ се врати во игра, израмнија, а потоа поведоа со 3-5. Црногорките го вратија водството, но Македонија на одморот замина со егал 16-16.
Нашите ракометарки добро парираа до 40. минута, кога домашната екипа направи серија од 6-0 и поведе со 27-21, највисоки на мечот. Македонија не дозволи да биде надиграна, одбраната почна да функционира, а со тоа и реализацијата во нападот, на 10. минути до крајот беше 27-26.
По новите плус четири за домашната селекција, ракометарките со голот на Миновска дојдоа на 31-30, но не успеаја да дојдат барем до реми. Сепак Савевски може да биде задоволен од храбрата игра на ракометарките.










