Момент на колото: „Штркчињата“ и Перо Блажевски, Работнички – перфектно разочарување!

638

✍️ Марија Ковачева

И втората прволигашка рунда потврди дека не чека „луда“ сезона. Засега три тима остануваат перфектни, a тоа се : Пелистер, ТФТ и Работнички. Ако ја земеме во предвид минатата сезона, ваквиот почеток ништо не значи, ова најдобро на своја кожа го почувствуваа битолчани, имаа силен старт, добри резултати, но во најважните битки во финишот останаа со празни раце, иако имаа ростер за многу повеќе.

Исто толку тима се уште ја бараат првата победа, Академија ФМП, дебитантот Ангели и Кожув ќе чекаат подобри денови.

По завршување на второто коло СПОРТМЕДИА ви издвојува два моменти.

Првиот му припаѓа на вториот тим на МЗТ Скопје. Малите „штркчиња“ му ја донесоа првата победа на легендарниот кошаркар, Перо Блажевски. Играчот кој токму на МЗТ Скопје му донесе славни денови за незаборав, одлучи да направи чекор напред во својата кариера. Прифати да биде лидер од клупата на МЗТ Скопје 2.

Своето искуство засега добро го сплотува на теренот. На отворањето беше поразен од Работнички, резултат кој беше за пофалба. Тој и неговите момци храбро застанаа против најтрофејниот кошаркарски колектив, битката ја загубија во финишот, но излегоа со дигнати глави, оти центарските момци се спасија поради нивното неискуство, малку фалеше да биде трагедија.

И веќе во второто коло дојде посакуваниот резултат. На гостувањето кај дебитантот, го добија дуелот со убедливи 73-90 за прва победа на Перо Блажевски. Овој резултат ќе биде ветер во ргб за сите во тимот, а Аеродром има причина повеќе да им ја даде поддршката и на овие кошаркари.

КОГА НА РАБОТНИЧКИ МУ ТРЕБА ПРОДОЛЖЕНИЕ ЗА ПОБЕДА ПРОТИВ ДЕБИТАНТ

Табелата по двете одиграни кола вели Работнички нема пораз. Но, сликата од теренот е сосема поинаква. Веќе го споменавме мечот против МЗТ Скопје 2, но дека ништо не беше случајно потврди Феникс.

Најтрофејниот нема простор за радост, овие две победи се од Господ подарени, најверојатно тоа им е јасно на сите во тимот. Да не беа промашувањата на кошаркарите на Феникс во важните моменти, како данок на нивното неискуство, ќе пукнеше голем срам. Оти дебитантот само потврди дека еден тим како Работнички не смее да си дозволи да се вади на среќа, таа знае добро да го сврти грбот.

Оние оправдувања од стартот на сезоната дека тимот коренито се менува би требало да бидат прифатливи за клубови кои допрва почнуваат и кои во своите витрини немаат шампионски пехари. Амбициите на Работнички секогаш биле шампионски, и во очајни денови (со скромен ростер) и во денови кога бил најсилен.

ГОСТИВАР И ФЕНИКС НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПРЕСКОКНАТ

Градот Гостивар одново живна, а со тоа и нивниот кошаркарски тим. Пред да дојде пандемијата, во салата „Младост“ беше вистински кошаркарски празник, на крилата на своите фанови овој клуб изненадуваше од коло во коло, растеше токму благодарение на публиката.

А колку е таа важна се потврди викендов, Гостивар дојде до првата победа, откако го совлада Куманово во дербитото на колото. Со публика на трибините спортот и резултати секогаш се поинакви. Токму овој тим имаше најмногу публика во второто коло, според официјалниот записник околу 600 навивачи ги бодреа своите миленици.

За крај, иако е рано да се даваат оценки, сепак Феникс останува најсимпатичниот тим. Нивната борбеност и желба, ги собираат симпатиите. Овој тим кој со години вади таленти, засега прволигашкиот статус и тоа како го заслужува.

ПретходноФановите го изгласаа стартниот состав на Флик, ги нема Вернер, Хаверц, Ројс…
СледноСакате можна голема добивка: Е, па, играјте на Македонија „1“ или „Х“!