На Арената во Скопје играат Македонија и Германија и на полувреме нема голови. Мечот е од голема важност за нашата репрезентација во обидот да дојдеме до бодови и баражот за СП 2022, а Германците дојдоа за одмазда за оној пораз од нас во Дуизбург и за билдање на бодовното салдо на првото место на табелата во квалификациската група.
Германците наметнаа темпо уште на стартот. Беа активни во сите 45. минути, а нашата одбрана на чело со голманот Димитриевски имаше многу работа.
Во 2. минута Кимих за малку ќе го погодеше нашиот гол. Во продолжение на мечот „панцер дивизијата“ беше поконкретна и подобра имаше и повеќе шанси.
Во 24 и 25 минута Столе Димитриевски имаше две добри интервенции, првата при шутот на Гнабри исфрли во корнер, а веднаш потоа од му влезе во шут на Вернер и го спаси својот гол.
Во 26 минута, конечно направивме нешто. По еден контра напад Елиф Елмас шутира но Ноер ја собира таа топка.
Во меѓувреме Аријан Адеми не можеше да го продолжи мечот поради повреда на зглобот на ногата. Се повреди во еден дуел со германски фудбалер, се обиде да игра меѓутоа не можеше да трча и побара измена. Влезе Спировски.
Во 45 минута Вернер ја погоди стативата.
Ќе мора да менуваме нешто, ваква опасна Германија со жесток притисок може да го скрши нашиот отпор. Ќе видиме што ќе смени Благоја Милевски во вториот дел.