Македонија – Германија. Меч од 8.коло во квалификациската група Ј за пласман на СП во Катар 2022 година. На три кола до крајот ние сме втори.
Ни требаат најмалку седум бода за да дојдеме до баражот.
Вечерва е првата пречка. Се вика Германија.
Да, таа моќна, таа силна Германија со Нојер, Сане, Гнабри, Милер, Кимих и останатите ѕвезди на европскиот фудбал.
Во некоја рака ова ќе биде меч меѓу Македонија и Баерн Минхен, зошто селекторот Ханси Флик до пред некој месец им беше тренер на “баварците“ и многу добро го знае нивниот квалитет. А со нив лани беше и европски клупски првак.
И вака може да си кажуваме до утре. Која е Германија, колку се силни, квалитетни….
И што?
И против таква Германија ние на нејзин терен направивме фудбалско чудо. Победивме во Дуисбург со 2:1, и играчки одигравме маестрално.
Тоа беше вистинско чудо. Целиот свет дозна за тоа која е таа Македонија.
Да, силна е Германија, гигант. Нема дилеми.
Но и Македонија е силна. Играме дома, играме пред 16.000 жестоки фанови. Сите ние сакаме ново фудбалско чудо, сакаме победа.
Веќе неколку денови пишуваме анализи, детализираме, пренесуваме изјави за овој меч. И толку е…
Сега на потег се играчите, нашите „рисови“ кои се мотивирани до небо. Многу добро знаат што може овој бод или три да значат во поглед на крајниот изглед на табелата.
Нашата порака од нив е…
„Момци…одиме по ново фудбалско чудо“…
Пред неколку денови нашиот селектор Благоја Милевски токму за „Спортмедиа“ убаво кажа…
“Германија е силна, но и Македонија е силна“.
Да, да… и МАКЕДОНИЈА Е СИЛНА.