Германците не забораваат – ГАЗАТ!!! (ВИДЕО)

342

Каква одмазда на Германија. Очигледно е дека Дуисбург не го заборавиле така лесно, па ни се “истурија“ среде Скопје и тоа со 4:0 или 0:4. Едноставно Германците не забораваат, тие просто газат.

Каква доминација, каква игра, каква репрезентација е тоа. Четата на Благоја Милевски е потопена среде Скопје, се виде дека “панцирите“ под водство на Ханси Флик се класа за себе. Ние ни од далеку не бевме на она ниво на кое го посакувавме, кои го посакуваа вечерва 16.000 гледачи на Арената.

Прво Хаверц, па потоа неговиот клупски колега Вернер во два наврати, а серијата ја заврши Мусиала.

Флик има пет од пет, има пласман на СП во Катар. Милевски пак го доживеа првиот пораз.

Нашите беа храбри и борбени, но бадијала.

СТОЛЕ Е ФАНТАСТИЧЕН, ОСТАНАВМЕ БЕЗ АДЕМИ

Можеше и да се очекува. Натпреварот започна со урагански напади на Германија, го започнаа мечот како да сакаа да кажат дека не го заборавиле Дуисбург и тие 2:1 за Македонија. Се редеа акции, шансите за “панцирите“, ние притиснати пред нашиот гол никако не успевавме да креираме акција, па затоа многу брзо контрите беа нашата стратегија. За тоа првиот дел да заврши без голови, најзаслужен беше нашиот голман Столе Димитриевски.

Вернер, Гнабри, Милер, Хаверц беа во очај, никако да го совладаат Димитриевски кој како да имаше „сто раце“ што се вели. Она што не дојде до Столе, го разрешуваа нашите дефанзивци, понекогаш се враќаше и Јаховиќ. Апсолутна доминација на „панцирите“. Ние се обидовме преку Велковски со шут со глава, сепак Елмас за малку ќе ги “смрзнеше“ Германците и тоа во наврати, но Нојер сепак беше на место. Во 45+2.минута Вернер ја погоди и стативата, имавме среќа.

Штета, многу рано останавме без “Лавот“ Аријан Адеми. Прво беше згазнат од Хаверц, сепак продолжи, за да по неколку минути едноставно легна на теренот и тоа беше крај, Место него во 29.минута во игра влезе Спировски.

КИКС НА ВЕЛКОВСКИ, ХАВЕРЦ КАЗНУВА

Искри на почетокот на вториот дел. Ние играме борбено, посебно Николов во два наврати стартуваше машки. И тогаш неочекувано, кога најмалку требаше, кикс на Дарко Велковски. Просто му ја поради топката на Гнабри, следуваше опасна контра на гостите, топката дојде до Милер, за да овој му асистираше на Хаверц на кого во 50.минута не му беше тешко да ја погоди празната мрежа за водство на Германија од 1:0.

Ах, Дарко, Дарко…

Селекторот Милевски по десет минути реагираше со двојна замена. Излегоа Јаховиќ и Николов, а влегоа Миовски и Ракип. Реагираше и Флик, кој исто така направи двојна замена.

Во тие моменти како да се смирија агресивните напади на Германија, но само за момент. Одново и одново Димитриевски беше на своето место. Македонија се обидуваше да комбинира, но тешко одеше тоа, а тие последни додавања беа навистина проблем.

МАКЕДОНЕЦОТ“ ВЕРНЕР НИ ЈА „СКИНА“ МРЕЖАТА

Ако во Дуисбург му се смеевме, се “зезавме“ дека играше за Македонија, е тој Тимо Вернер со два прекрасни гола ни покажа дека сепак станува збор за играч од екстра клас. Во 70.минута Велковски доцнеше при поставување на офсајдот, а четири минути подоцна нешто одлево постигна прекрасен гол за 3:0. Каква одмазда на Тимо Вернер, кој веднаш потоа и излезе, доста му беше.

Милевски на тие 0:3 уште еднаш направи двојна замена. Кире Ристевски и Ашковски влегоана терен место Костадинов и Ристовски.

По тие 0:3 тотално паднавме, а и Германија веќе не “гризеше“.

Сепак нов гол, и тоа на Мусиала во 84.минута за зголемување на германското водство.

Па, добро бре, има ли крај на оваа мака на нашата репрезентација?

квалификациски меч за пласман на СП 2022 – група Ј

МАКЕДОНИЈА – ГЕРМАНИЈА 0:4 (0:0)

Национална Арена “Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 15.000. Судија: Дани Макели (ХОЛ). Стрелци:Хаверц 50., Вернер 70., 74., Мусиала 84. (ГЕР). Ж. Картони:С. Ристовски (МАК), Хаверц (ГЕР).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, С. Ристовски, Велковски, Муслиу, Алиоски, Адеми (29. Спировски), Николов (59.Ракип), Костадинов, Елмас, Чурлинов, Јаховиќ (59.Миовски).

Селектор: Благоја Милевски.

ГЕРМАНИЈА: Нојер, Клостерман, Суле, Керер, Раум, Горецка, (61.Вирц), Кимих, Гнабри (75. Хофман), Милер (82. Нојхаус), Вернер (75. Мусиала),Хаверц (62. Адејеми).

Селектор: Ханси Флик.

ПретходноВернер не знаел да дава голови? Два пати ја стресе нашата мрежа (видео)
СледноРоманците сега се блиску до баражот, Турците победија со гол во 99. минута (видео)