Македонскиот првак после една недела пауза се враќа на обврските во Лигата на шампиони. Во рамките на 4. коло во СЦ „Јане Сандански“, утре гостува Монпеље, дуелот е закажан со почеток во 20:45 часот.
На оваа средба Вардар 1961 влегува со пет бода, заедно со Пик Сегед се единствените тимови со ваков скор во досегашниот дел од сезоната.
Домашниот терен ќе биде одлична шана за Веселин Вујовиќ и неговите момци да продолжат без пораз во европското клупско натпреварување. Токму затоа предводникот на актуелниот македонски првак ги повика фановите да дојдат во што поголем број.
„Ако може така да се изразам “сељачки” Монпеље ми е некако домашна екипа. Одиграа еден фантастичен меч со Кил, а потоа на гости кај некој си Сесон, просечен тим од Франција загубија. Мислам дека се млада екипа и уште психологијата влијае, потешко им оди без домашната поддршка. Токму поради тоа јас не апелирам, туку ги молам да дојдат, не само „Комити“, туку сите гледачи кои го сакаат Вардар. Па ние тука со публиката ги победивме и Аборг, Мешков и Пелистер. На Валчак солзи му доаѓаа, не играл цела година пред ваква публика. Затоа ако дојде публиката ќе играме „8 на 6“, а не „7 на 6“, изјави Вујовиќ.