Чуда се случуваат, ама еднаш….

399

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Како во животот, така и во фудбалот. Чуда се случуваат, ама еднаш.

Германија дојде во Скопје, ја искажа сета своја екстра класа, ги надигра избраниците на Благоја Милевски, убедливо ја победи Македонија со 4:0 и си се пласира на СП во Катар 2022 година. Апсолутно заслужено.

Кога сме кај Германија да кажеме дека оваа Германија со Флик како селектор и онаа Германија со Лев од пред неколку месеци, е разлика небо и земја. Реално.

Македонија одигра не така лошо прво полувреме, имавме и две шанси преку Елмас, но ајде да бидеме реални. Бадијала храброста, борбеноста, мотивите, сепак разликата во квалитет е во прашање.

А посебно кога излезе “моторот“ или “лавот“ Адеми и плус без Барди, јасно беше дека бевме осудени на пораз, и тоа убедлив.

Можеби тие 0:4 се болни, не можеби, туку навистина се болни. Боли фактот дека одамна сме биле толку немоќни во Скопје. Но мора да се помириме со реалноста.

Јавноста по тие 2:1 во Дуисбург беше во еуфорија во пресрет на мечот во Скопје, медиумите исто така, само играчите и стручниот штаб беа претпазливи во давањето изјави пред натпреварот. Се виде и зошто.

Нас не прелажа Дуисбург, мислевме дека сме голема сила по тие 2:1. Нас исто така не прелажа оној блескав настап во Вадуц, кога му ја „извадивме душата“ на Лихтенштајн.

Но кога судијата Дани Макели синоќа означи почеток на мечот, уште по првите секунди останавме со подзинати усти. Веднаш знаевме против кого си имаме работа.

Факт е дека за пласман во баражот ние шансата ја испуштивме во Рејкјавик, тоа е факт. Има уште некои теории, но Романија нема сигурно да си дозволи кикс против Исланд и Лихтенштајн.

И сега што?

Ништо, одиме натаму.

Имаме добра генерација, имаме амбициозен селектор, имаме квалитет за во иднина.

И тоа треба да се искористи.

Не смее да има разочарување. Оваа генерација на играчи покажа дека има квалитет во себе.

Е сега што синоќа на гости ни дојде една репрезентација во фудбалска смисла “монструм“, што сакаше да ни “врати“, што да се прави…

Да, чуда се случуваат. Во март бевме светско чудо, но такви моменти се случуваат еднаш. Ако ја победуваме редовно Германија тоа нема да биде чудо.

А, Тимо Вернер?

Македонецот“….

ПретходноПријателска во Истанбул: Шкупи ќе му гостува на Бешикташ!
СледноСимеоне: Сакав да го донесам Меси во Атлетико, но таа идеја пропадна за три часа!