По неочекувано високиот пораз на гостувањето кај Монпелје во минатото коло, ракометарите на Кил обезбедија очекувано убедлива победа над ППД Загреб во 4. коло од Лигата на шампионите. На домашен терен германскиот состав обезбеди триумф од 36:28 со кој ја запиша и третата победа во групата.
Рајнкинд со 8 и Дувњак со 7 гола беа лидери кај германскиот состав, додека во составот на ППД Загреб со 6 гола лидер беше Иван Чупиќ.
Во вториот завршен меч, екипата на Алборг се намачи за трета победа сезонава. По поразот во Скопје од Вардар, Данците вечерва пред своја публика едвај извојуваа победа над незгодниот Мешков Брест со 34:33. Гостите се држеа одлично, имаа реми и на полувреме (18:18), но во завршницата Алборг дојде до гол предност која успеа да ја задржи за победа.
Одлиен настап имаше Клар со 8 гола, а по 7 постигнаа Батхолд и Бјорнсен. Кај гостите Бонефонд имаше 8 гола.