Македонската репрезентација до 21. година го „скрши мразот“ во овие квалификации, и ја оствари првата победа во четвриот меч. Совладана е Ерменија на гостински терен со 1:2, со головите на Марко Ѓорѓиевски односно Методиј Максимов и сега што се вели полесно се дише.
Реално, нашите млади фудбалери, но пред се селекторот Драган Канатларовски беа под притисок пред овој меч. Се трудеа да остварат полн плен и на претходните мечеви, но против Франција на гости, и Србија дома тоа и не е така лесно. Бодот против Фарските Острови на гости еве да речеме дека е половичен успех, иако овој противник во кампањава се покажа како тежок ама баш за сите. Токму затоа, гостувањето против Ерменија синоќа самото по себе се покажа како клучно.
Истото покажа дека ние сепак, сме кадарни да се носиме со притисокот, и тоа е добро. Оваа генерација има уште многу што да работи на подобрување на играта, пристапот, менталитетот, начинот на кој што ги игра мечевите, но доброто во сето ова е што тоа од сега натаму ќе го правиме со пет бода на контото. Имаме проблеми од секаков карактер, корона, карантини, повреди, картони, од се по нешто, но сепак, најважното е што реално тешкиот распоред на стартот на квалифиакциите го минавме со пет бода на контото.
Капитенот Ѓорѓиевски покажа уште еднаш дека е лидер на оваа генерација, останатите мора, треба да видат од него како треба. Се гледа дека фалат многу Фазлагиќ односно Агон Елези кои поради повреди не се тука. Божиновски односно Чолаковски не добија дозвола од Австралија да дојдат на овој собир. Затоа пак помладите влегуваат од клупа, се борат за минутажа, придонесуваат кон успехот. Максимов на асистенција на Становски вчера реализираа за наше двојно водство. Покажаа дека може во секој момент да се смета на нив.
Се на се добра најава за она што следува во ноември, поточно на 11. овој месец кога на домашен терен ја пречекуваме Украина. Пет дена подоцна го играме дербито против Франција најверојатно во Струмица.