Со Лука Станковски У-21 селекцијата на Македонија добива на квалитет!

1896

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Минаа два дена од победата на У-21 на Македонија над Ерменија со 2:1 на гости во Ереван. Убава победа, прв триумф во квалификациската група за пласман на ЕП 2023, се разбира време е за честитки за избраниците на селекторот Драган Канатларовски.

Сепак и покрај се, иако минаа 48 часа од мечот, не можеме да ги заборавиме зборовите на коментаторот на Спорт Клуб, кога за Лука Станковски говореше во суперлативи. И во право беше. Младиот играч за врска само што влезе, поточно за четири минути минати на теренот, имаше две големи шанси и една супер асистенција по која неговиот клупски колега од Работнички, Методи Максимов постигна гол за 2:0 и веројатно стави печат на победата. До крајот Ерменците само намалија на конечно 2:1 за Македонија.

И кога има такви зборови од коментаторот кој првпат го гледа младиот Лука, тогаш треба да се каже дека со него У-21, оваа селекција добива на квалитет, барем така изгледаше во финишот на овој натпревар.

Главното прашање е што ќе беше ако Лука играше од почеток, а не да влезе во игра во таа 82.минута. Неколку дена претходно на Ф. Острови селекторот Канатларовски исто му даде шанса во самиот финиш.

Се разбира дека секој си има право на свое мислење. Канатларовски најдобро знае, веројатно на поинаков начин ги гледа работите, можеби смета дека Лука е премлад да му ја довери главната улога во средниот ред во У-21. Веројатно смета дека има време за малиот Станковски. Можеби, но фактите говорат дека Лука не е баш така млад, фудбалски, иако минатиот месец наполни 19 години.

Сепак треба да се знае дека Лука веќе две години е главен во играта на Работнички, тој е “мозокот“ на тимот на Александар Влахо. Главен стрелец, асистент, креатор на играта како што веќе рековме.

Се разбира дека низ нашата ПМФЛ има уште неколку вакви талентирани момчиња како Лука, но тој е некако најекспониран. Има и зошто. Имено тој убедливо, со 1.000.000 евра, според Трансфермаркт е највредниот фудбалер во ПМФЛ, во цела наша елитна лига.

Мислење на авторот на овој текст, е дека Лука би можел да добие поголема улога во У-21. Тој е профил на играч за во иднина и за А- репрезентацијата. Висок е, робусен, и тоа знае како фудбал, може да се исфорсира за таа улога на “пакер“ или “фантазист“, нешто што ние одамна го немаме. А што Лука пред два дена во Ереван, па макар и во тие десет минути, на убав начин го покажа и што го покажува веќе две години во дресот на Работнички.

Цапар е стар лисец, и како фудбалер и како тренер има искуство. Сигурно е радосен што со Лука, У-21 селекцијата добива квалитет. И дека ќе знае во иднина тоа да го искористи како што треба.

А ние пак ќе се потсетиме на зборовите на коментаторот на Спорт Клуб.

Секако за крај. Моментално за Лука Станковски има голем интерес од менаџерите за трансфер во некој познат европски клуб. Ако тоа со Монца пропадна, нема да биде изненадување ако во јануари Лука потпише за некој друг познат тим од Европа.

ПретходноСерхио Рамос и натаму без деби за ПСЖ
СледноБарди се врати на тренинзите, но уште ќе го нема на мечевите на Леванте!