Унгарски Пик Сегет го доживеа првиот пораз во новата сезона во ракометната Лига на шампиони со што веќе нема непоразени екипи во елитното натпреварување. Сегет по едно реми и две победи, налета на норвешки Елверум од кого изгуби дома со 30:34, а воедно гостинскиот тим стигна до првата победа сезонава во ЛШ. И не само тоа, Елверум стигна до првата победа над Сегет воопшто.
Најефикасен кај гостите, воедно и на мечот беше Тобиас Грондал со 9 голови, го следеа Доминик Мате со 6 и Синдре Хелдал со 5. Кај Сегет најмногу голови постигна Бенсе Банхиди (6), а по пет имаа Мартин Соареш, Радивојевиќ и Мацковшек.
Во оваа група А е и македонскиот шампион Вардар кој е на петтото место со пет бодови. Лидер е Алборг со 6 исто колку и вториот Кил, а Сегет е трет и Монпеље е четврти со по пет бодови. Елверум по првата победа има четири бодови, а по нив се ППД Загреб и Мешков Брест.