Блажевска: Не гледам ништо срамно! Секој има лоши и добри периоди, па така и Металург!

1067

Металург остана без уште еден француски ракометар. По браќата Оливие и Кевин Њокас, тимот го напушти Абдула Мане. Ваквите промени се во време кога овој клуб се обидува да ги расчисти старите долгови, кои се голема кочница во овој момент, и истите се гледа што побрзо да се решат.

Претседателката на Металург, Зорица Блажевска, потенцира дека мора да се направи промена на составот, колку истата да е болна. Исто така најави дека проблемите се решаваат и дека тимот ќе застане на здрави нозе.

„Ништо не е случајно, ниту без план. Одамна требаше да се направи рез, колку истиот да е болен. Да се расчистат долгови, без да се создадат нови. Можеби се ќе беше веќе средено да не се случеше Ковид-кризата која значајно ги намали нашите приходи. 8-9 годишни долгови се појавуваат секојдневно, но и нови договори кои нема да дозволат да се стави клуч на врата. Јас имам разбирање за играчи и доверители кои немаат можност да се снајдат во оваа ситуација која настана во јули, после формирањето на ростерот, но и замолувам за трпение.

Докажав како претседател дека намерата ми е комплетно раздолжување, можеби оди бавно, но нема да застанеме. Не знам зошто е тешко да се сфати, ниту зошто се посочува како срамна ситуација, едноставно е, секој има лоши и добри периоди. Ние имаме долгорочни планови и никој нема да биде изоставен. Секој чекор е добро промислен, секој партнер за новата 2022 е внимателно избран. Ќе има и промени во тимот, но не само негативни. Добро е да се прифати дека овој Металург не е истиот од 2012/13 и политиката не е иста. Плукањето по медиуми и навивањето да згасне клубот нема да помогне никому. Силен Металург е клучен за ракометот во Македонија, враќањето на таков Металург е наша цел, дури и ако треба да се почне од нула. Секое лошо за добро е, и овие промени, колку и да се турбулентни, ќе се уверите дека водат кон подобра иднина“, вели претседателката на Металург, Зорица Блажевска. 

ПретходноДенковски: Брегалница дома мора секогаш да оди на победа
СледноЊукасл со понуда за Зидан, францускиот стратег експресно ги откачил