Рано утринава во 12. коло од јужноамериканските квалификации за пласман на Светското првенство во фудбал 2022 година, бразилската репрезентација го совлада Уругвај со убедливи 4:1. Средбата се одигра на стадионот „Арена Амазонија“ во Манаус, а „кариоките“ потврдија дека е убедливо најдобриот тим од овој дел од светот.
Фудбалерот на Лидс Ј., Рафиња постигна два од четирите гола за Бразилците, додека по еден беше дело на Нејмар и Габриел Барбоса. Напаѓачот на ПСЖ, освен постигнатиот гол, подели и две асистенции.
Единствениот гол за Уругвај го постигна Луис Суарез .
Бразилците со 31 бод по 11 натпревари продолжуваат како лидери на табелата, пред Артгентина која заостанува шест бода, иако синоќа минимално со 1:0 славеше над Перу. Единствениот гол за „гаучосите“ беше дело на Лаутаро Мартинез во првото полувреме.
Чиле стигна до втората последователна победа и се проби до 6. место на табелата. Чилеанците беа подобри од Венецуела со 3:0. Претходно, Боливија го прегази Парагвај со 4:0, додека Колумбија и Еквадор одиграа без голови.