Ренова го има вториот најдобар старт во клупската историја во ПМФЛ!

253

Нема што, добро им оди на “гипсарите“ оваа есен. Ако во јуни се спасија во последните секунди од испаѓање во Втора лига, и тоа во баражот со Охрид, сега Ренова по 10.коло е втора со 21 бодови, само два помалку од лидерот Шкупи.

Десет мечеви, шест победи, три ремија и еден пораз, гол разлика 18:8. Ремзифаик Селмани блеска, со 8 голови е втор на листата на стрелците. Впрочем блеска цела екипа предводена од искусниот и одличен стратег Ќатип Османи.

Интересно, ова е вториот најдобар старт во една сезона на Ренова во клупската историја, ако се сметаат само првите десет кола во секоја сезона, и тоа од онаа 2005/06 кога “гипсарите“ за првпат почнаа да играат во нашата елитна лига.

Подобар биланс имаа само во сезоната 2009/10 година, тогаш под водство на Влатко Костов. Тогаш по првите десет кола имаа 23 бодови, а тогаш на крајот беа и шампиони.

Како што стојат засега работите, само Ренова со Ќато може да му ги “замрси“ сметките на Шкупи, фаворитот за титулата во оваа сезона.

И токму овие две екипи наредниот викенд, во меч од последното коло во првиот круг, на Чаир играат меѓусебе. Јасно е дека тоа ќе биде големо дерби во ПМФЛ.

ПретходноЦиципас повторно предизвика бура: Тенисерите се неблагодарни
СледноИван Класниќ: Земам таблети двапати дневно, поради вирус ми падна косата!