Крајно лошо издание и висок пораз на Е.Пелистер од Ним со 21-26 (6-15), во првиот меч во Европската лига во групата –Д. Овој резултат е добар,ако се знае дека гостите поголемиот од мечот имаа убедлива разлика и од плус девет. Во финишот домашните се спасија од резултатска катастрофа.
Вечерва Ним среде Битола, во салата “Боро Чурлевски“ каде што имаше добра посета, покажа едноставно кој е кој во моментов.
Се разбира сите знаеја кој е Ним, посебно фановите на битолчани и сите во Е. Пелистер, но ретко кој претпоставуваше дека момците на стратегот Жељко Бабиќ, ќе бидат така лоши,индиспонирани. Е.Пелистер беше борбен,но недостигаа многу елементи да се носи барем малку со силниот тим од Франција.
Се виде уште на стартот од мечот дека ќе биде тешко, пеколно тешко ќе му биде на Е. Пелистер. Гостите од Франција веднаш покажаа со кого битолчани ќе си имаат работа. Сигурни во акциите, додавањата, потоа се беше полесно да се стрела во мрежата на битолчани. За разлика од Ним, четата на тренерот Жељко Бабиќ покажа како не треба. Е.Пелистер го одигра веројатно најслабото полувреме под водство на Бабиќ. Ништо, ама баш ништо не им поаѓаше од рака. И кога е така, тогаш силниот Ним сето тоа максимално го користеше. Па така ако голманот Дебоне постигна сам три гола, или половина од целиот тим на домашните, тогаш се е јасно. Хишам Санад пак ја полнеше мрежата на нашиот евро претставник, постигна дури седум голови во првиот дел.
Првиот дел заврши со водство на Ним од 6-15. Катастрофа.
БИТОЛЧАНИ ТРГНАА СИЛОВИТО, НИМ БРЗО ГИ “СМИРИ“…
Првиот гол во второто полувреме беше дело на Е. Пелистер, одконтра стрелаше Божиќ- Павлетиќ. Битолчани ја засилија одбраната, добија поддршкаод фановите, борбеноста беше тука. Е. Пелистер тргна да го поправа впечатокот од првиот дел.Следуваше и голот на Мандалиниќ, па така разликата беше намалена минус 6.
Домашните направија 3-0, се разбуди надежта. Во тие моменти Ним како да делуваше опуштено. Ним првиот гол во продолжението го даде во 6.минута. Тоа нешто кажува и тоа преку Хишам Санад. Сепак Ним така играше многу кусо, од 37.минута ја смири“тензијата“. Французите “притиснаа“одново и пак тие +9 голови за Ним во 40.минута.
Ова не им пречеше на домашните фанови да направат одлична атмосфера. Секоја чест, без разлика на резултатот, битолчани покажаа дека и тоа како го сакаат ракометот.
И натаму тие минус 9 беа на семафорот, таа разлика беше постојана до 50.минута,се разбира со мали исклучоци.
Во финишот и покрај трудот на домашните ракометари да се ублажи што повеќе поразот, сепак Ним повеќе од рутински си ја заврши работата. Но разликата на крајот беше само минус пет или конечни 21-26.
Ако е некаква утеха, тогаш тоа е дека Стипе Мандалиниќ постигна седум голови и заедно со Хишам Санад беше прв стрелец на мечот.