Кил, следниот противник на Вардар 1961 во Лигата на шампиони освои само бод пред гостувањето во Скопје. Германскиот тим имаше шанса да дојде до целиот плен против Пик Сегед, но не успеа да ја сочува предноста од седум гола која ја имаше во второто полувреме. На крајот оваа средба од групата А заврши без победник (32-32).
Кил е на второто место на табелата, има седум бода еден помалку од Алборг. Во истата група Елверум го совлада ППД Загреб на домашен терен со 30-25, денеска силите ќе одмерат уште Монпеље и Мешков Брест.
Никола Митревски и Порто го запишаа третиот пораз во новата сезона во Лигата на шампиони, на гостувањето кај Келце беа убедливо совладани со 39-33 во рамките на петото коло во групата Б.
Македонскиот репрезентативен голман имаше две одбрани, во редовите на победникот Гудјонсон имаше 9 гола.