Актуелниот НБА шампион Милвоки ја започна новата сезона во НБА лигата шампионски. На премиерата против еден од најголемите ривали за титулата оваа сезона, Бруклин, Бакс успеаја да слават доминантно со 127:104 и да потврдат дека и оваа сезона имаат состав за одбрана на тронот.
Милвоки триумфираше на отворањето на новата сезона и покрај извонредната партија на Кевин Дурант. Јанис Адетокунбо покажа зошто Бакс минатата сезона стигна до долгоочекуваниот шампионски прстен со страшен „дабл-дабл“ водејќчи го својот тим до првата победа во новата НБА сезона.
Адетокунбо постигна 32 поени, со 14 скока и седум асистенции. Дурент на спротивната страна имаше исто така „дабл-дабл“ со 32 поени и 11 скокови, а Харден додаде 20 поени, но и тие не беа доволни за почетна победа.
Во вториот меч синоќа Голден Стејт го совлада Лос Анџелес Лејкерс со 121:114 на гостински паркет со извонредна игра на Србинот Немања Бјелица кој со „дабл-дабл“ ги понесе Воините кон голема гостинска победа.
Голден Стејт направи пресврт и стигна до првата победа сезонава, покажувајќи им на сите на почетокот дека ова ќе биде различен и подобар тим од оној од претходните две сезони. Бјелица одигра извонреден прв официјален натпревар за Голден Стејт и заврши со 15 поени и 11 скока. Стеф Кари имаше 21 поен, додека Џордан Пул постигна 20 поени. На домашните не им помогнаа ни 67-те поени кои Леброн и Ентони Дејвис ги постигнаа заедно.