Сагата околу тоа каде францускиот напаѓач ќе ја продолжи кариерата е една од најголемите фудбалски приказни во последните неколку преодни рокови.
За потсетување, фудбалерот на ПСЖ во неодамнешното интервју за „Л’Екип“ најави дека неговата ера во Париз е на крај, а како прв фаворит е Реал Мадрид.
Но, шпански АС носи бомбастични вести, Барселона има план како пред нос да им го земе Килијан Мбапе на Флорентино Перез и Реал Мадрид. Каталонскиот гигант е во големи финансиски проблеми, кои донекаде ги ублажија со заминувањата на Меси, Гризман и Пјаниќ кои имаа огромни плати.
Олеснителна околност е тоа што Мбапе на лето ќе стане слободен играч, но затоа следниот клуб ќе мора да му плати голема цифра за потпишување на договорот, за да ги обезбеди неговите услуги. АС наведува дека Барселона е подготвена да одвои дури 90 милиони евра. Дополнително, се споменува плата од околу 17 милиони евра, што значи дека Мбапе само од клубот во првата година на Камп Ноу би добил 117 милиони евра.
Истиот извор наведува дека Реал е во подобра финансиска ситуација, но Флорентино Перез е подготвен да му понуди „само“ 50 милиони евра. Пред неколку дена, поранешниот претседател на клубот Бартомеу призна дека имале можност да доведат напаѓач на ПСЖ, но наместо тоа се одлучи за Дембеле.