ТФТ продолжува во победнички ритам, дојде до четвртата победа во низа. Тимот од Тафталиџе на домашен терен славеше против МЗТ Скопје 2, го совлада со 91-85.
Избраниците на Боро Смилковски доминираа во голем дел од мечот, а потоа во последната четвртина премногу се опуштија, ова беше доволен знак за да гостите си ја пробаат својата среќа. За жал немаа доволно време за целосен пресврт.
„Штркчињата“ издржаа една четвртина (25-25), во следниот период ТФТ го зголеми темпото, па на полувремето замина со 54-39. Оваа негатива не го исплаши младиот состав на МЗТ Скопје 2, токму опуштеноста на противникот максимално ја казни. Дојде на 85-83 на 40 секунди до крајот. Последниот период го добија со 17-28, но Хортон и Маслинко не дозволија поинаков тек, ги поставија конечните 91-85.
Хортон со 19 поени одново беше лидер, Николов имаше еден поен помалку и 8 скока. Рансон со 29 поени ги предводеше младите „штркчиња“, зад него беше Петровски со 16 поени и 7 скока.
РАБОТНИЧКИ ПАДНА НА ПРВИОТ ПОСЕРИОЗЕН ТЕСТ
Серијата на најтрофејниот кошаркарски колектив заврши во Гостивар. Работнички падна на првиот посериозен тест, ако во претходните мечеви се вадеше во самиот финиш на искуство, сега пред себе имаше еднакво искусен тим. Гостивар го совлада со 91-65 и му го нанесе првиот пораз.
Избраниците на Александар Јончевски поведоа со 27-17 по првите десет минути, а потоа следниот период го добија со 22-15, поточно на одморот имаа позитива од 49-32. Се обидуваа гостите да се вратат, но немаа сили. На крајот им остана да се помират со првиот пораз оваа сезона.
Вокру со дабл-дабл од 24 поени и 10 асистенции го предводеше својот тим до третата победа оваа сезона, дабл-дабл имаше и Тодоровиќ од 13 поени и 12 скока. Данаиловски и Мустафица имаа по 11 поени на другата страна.