Дербито на Чаир го доби Шкупи и тоа со 2:1. Сепак во текот на мечот, но и веднаш по него, како и нешто подоцна, имаше голем гнев од страна на “гипсарите“. Тие преку своите социјални мрежи објавија дека сметаат дека се оштетени од судијата Игор Стојчевски, а свој коментар за Спортмедиа има и Фисник Нухиу, спортскиот директор на Ренова.
„Како прво веднаш да кажам дека ние денеска не загубивме од Шкупи, туку Ренова денеска е поразена од судијата Игор Стојчевски. Навистина несфатливо судење на овој судија. Веднаш да кажам дека исклучително ги почитуваме нашите спортски пријатели од Шкупи, но денеска како што реков ние загубивме од судијата. Има повеќе примери, но ќе споменам само два. Првиот е фаулот врз Селмани, тоа беше веднаш за црвен картон, а што да се каже за пеналот за домашните. Смешки! Домашниот фудбалер губи рамнотежа а Стојчевски веднаш покажува на белата точка“ истакнува спортскиот директот на Ренова.
Инаку тој смета дека Стојчевски за ова делење на правдата не смее да добие позитивна оценка.
“Никако. Тој ист судија во изминатите единаесет кола барем 7-8 пати суди на еден клуб. Тој ист судија драстично ја оштети Ренова во Битола и тогаш доби преодна оценка, и тој ист судија замислете, суди на меѓународни натпревари. Ако и сега, по денешното дерби Стојчевски добие преодна оценка тогаш тоа е според мене организиран криминал што би се рекло. Ние како клуб сакаме само фудбалска правда и ништо повеќе, сакаме чесно судење и ништо повеќе“ заврши Нухиу.