ЕЛ КЛАСИКО: “Камп Ноу“ ќе грми, доаѓаат “кралевите“…

181

По подолго време во еден Ел Класико ќе ги нема ниту Меси, уште помалку Роналдо. Сепак затоа се тука некои нови “деца“, како Фати и Винициус.

Барселона – Реал Мадрид, тоа е најголемиот клупски дуел во Европа, па и во светот. Кога играат овие два гиганти просто светот запира. Така ќе биде и денеска од 16:15 часот кога на “Камп Ноу“, ќе биде означен почетокот на мечот.

Ел Класико во Ла Лига или порано Примера дивизија, ќе се игра по 183-ти пат. Реал има три триумфи повеќе, но ако се земат сите официјални дуели меѓу Барса и Реал, во сите натпреварувања, ова ќе биде нивни 280-ти дуел. Е тука Барса е подобра, има 115 победи, а Реал само 102, само 62 завршиле без победник.

Има многу, многу да се раскажува за историјата на овие мечеви. Ел Класико е поим за квалитетен, шмекерски фудбал. Понекогаш со многу омраза, и поради историјата, и поради нетрпеливоста на фновите.

Се разбира и поради Франсиско Франко кај едните, а сецесионизмот кај другите.

И одново, и одново кога играат меѓусебе Барса и Реал, или Реал и Барса се “вадат“ старите приказни. Вака беше, па така беше.

Сепак факт е дека ова е нај, нај… најголемиот светски меч кој ќе “дрма“ цела планета. Па и затоа се игра од 16:15 часот, за да можат таму некаде на Далечниот Исток, некои Јапонци и Кинези, да гледаат во пристојно време.

Фати против Винициус. Роналд Куман против Карло Анчелоти. Каталонија против Кастилја. Барса против Реал…

Време е за уште една МЕГА пресметка на ГИГАНТИТЕ.

ПретходноПрилеп или Кил сеедно – Вујовиќ никогаш не седи мирен (ФОТО-ВЕСТ)
СледноНестор на клупата на Удинезе, чека шанса да влезе против Аталанта!