По подолго време во еден Ел Класико ќе ги нема ниту Меси, уште помалку Роналдо. Сепак затоа се тука некои нови “деца“, како Фати и Винициус.
Барселона – Реал Мадрид, тоа е најголемиот клупски дуел во Европа, па и во светот. Кога играат овие два гиганти просто светот запира. Така ќе биде и денеска од 16:15 часот кога на “Камп Ноу“, ќе биде означен почетокот на мечот.
Ел Класико во Ла Лига или порано Примера дивизија, ќе се игра по 183-ти пат. Реал има три триумфи повеќе, но ако се земат сите официјални дуели меѓу Барса и Реал, во сите натпреварувања, ова ќе биде нивни 280-ти дуел. Е тука Барса е подобра, има 115 победи, а Реал само 102, само 62 завршиле без победник.
Има многу, многу да се раскажува за историјата на овие мечеви. Ел Класико е поим за квалитетен, шмекерски фудбал. Понекогаш со многу омраза, и поради историјата, и поради нетрпеливоста на фновите.
Се разбира и поради Франсиско Франко кај едните, а сецесионизмот кај другите.
И одново, и одново кога играат меѓусебе Барса и Реал, или Реал и Барса се “вадат“ старите приказни. Вака беше, па така беше.
Сепак факт е дека ова е нај, нај… најголемиот светски меч кој ќе “дрма“ цела планета. Па и затоа се игра од 16:15 часот, за да можат таму некаде на Далечниот Исток, некои Јапонци и Кинези, да гледаат во пристојно време.
Фати против Винициус. Роналд Куман против Карло Анчелоти. Каталонија против Кастилја. Барса против Реал…
Време е за уште една МЕГА пресметка на ГИГАНТИТЕ.