Шпанското „Ел Класико“ во 10.коло од Ла Лига му припадна на Реал Мадрид. „Кралевите“ го освоија „Ноу Камп“, победија со 1:2 со головите на Давид Алаба во првото полувреме и Лукас во финишот. Мечот го следеа нешто повеќе од 86.000 гледачи.
Се играше 32. минута кога играчите на Реал тргнаа во контра напад, а топката стигна до Давид Алаба кој со силен шут од далечина го совлада Тер Штеген.
Пред погодокот бележиме една ситуација по која играчите на Реал бараат пенал по прекршок на Винисиус, а до крајот на првиот дел се обидоа Пике и Фати.
Во второто полувреме Феде Валверде се обиде да зголеми за Реал но го промаши целиот гол. Стратегот на Барса Роналд Куман направи измени, влегоа Серхи Роберто, Серхио Агуеро, а токму Аргентинецот во 85 минута шутна со глава но топката заврши над голот на Реал.
Во финишот Винисиус излезе поради повреда, а влезе Марко Асенсио. Во четвртата минута од судиското продолжение на мечот е ставена точка на натпреварот. Лукас Васкес се најде во добра позиција по одбиена топка од Тер Штеген и запиша погодок. А веќе во наредната акција Барса преку „првенецот“ на Серхио Агуеро го намали поразот.
Инаку ова е четврта првенствена победа на Реал над Барселона. Да се потсетиме претходните дуели ги доби со 2:1 и 2:0 на „Бернабеу“ и 3:1 и сега 2:1 на „Ноу Камп“.
Реал е лидер на табелата со 20 бода исто колку што имаат Севиља и Сосиедад. Барселона е дури осма со 15 бодови.