Првиот тренерски отказ во новата сезона во Бундеслигата падна во амбициозниот Волфсбург. По поразот од 2:0 на домашен терен од екипата на Фрајбург, што, пак, значеше осми натпревар по ред без победа, клубот беше принуден да повлече потег и да го ослободи од обврските досегашниот тренер на тимот, Холанѓанецот Марк ван Бомел.
44-годишниот стратег заминува од кормилото на клубот по кризата која го зафати клубот и четирите континуирани порази во Бундеслигата.
„Изненаден сум и разочаран од одлуката бидејќи сум убеден дека заедно ќе успеевме да се вратиме на патот кон успехот“, изјави Ван Бомел, откако му била соопштена веста за раскин на договорот.
Засега Волфсбург ќе биде предводен од помошниот тренер Михаел Фронцек (57).